Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија, Институтот за комуникациски студии и Фондацијата „Метаморфозис“ на 29 септември 2023 година, потпишаа Меморандум кој ќе ја уредува меѓусебната соработка поврзана со следењето на начинот на однесување и постапување на повеќе чинители во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми.
Со Меморандумот подетално е разработен начинот на дејствување на Координативното тело за пријавување и постапување по претставки кои ќе се однесуваат на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и други субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.
За обезбедување транспарентност во работењето на Координативното тело изработена оваа веб страница и на неа задолжително ќе се објавуваат сите претставки и нивните одговори, ставовите на телото, релевантните закони и подзаконски акти кои се земаат предвид при постапувањето по претставките, Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборните процеси и референдуми и др.
Посебно внимание ќе биде посветено на заеднички активности и настани за да се поттикне почитувањето на начелата и стандардите пропишани во Кодексот, особено во насока на поттикнување однесување ослободено од насилство, непримерна комуникација, потпалувачки говор и говор на омраза, креирање, монтирање и објавување неточни, нецелосни или злонамерни информации и спинови. Соработката ќе вклучува и размена на мислења и податоци при постапувањето во случаи на прекршување на одредбите од Кодексот.