Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија, Институтот за комуникациски студии и Фондацијата „Метаморфозис“ на 29 септември 2023 година, потпишаа Меморандум кој ќе ја уредува меѓусебната соработка во различни домени од делокругот на нивната работа, поврзани со следењето на начинот на однесување и постапување на повеќе чинители во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми.
Во Меморандумот подетално е разработен начинот на дејствување на Координативното тело за пријавување и постапување по претставки кои ќе се однесуваат на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и други субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.
За обезбедување транспарентност во работењето на Координативното тело изработена е веб страницата izborenkodeksonline.mk на која задолжително ќе се објавуваат сите претставки и нивните одговори, ставовите на телото, релевантните закони и подзаконски акти кои се земаат предвид при постапувањето по претставките, Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборните процеси и референдуми и др.
Посебно внимание ќе биде посветено на заеднички активности и настани за да се поттикне почитувањето на начелата и стандардите пропишани во Кодексот, особено во насока на поттикнување однесување ослободено од насилство, непримерна комуникација, потпалувачки говор и говор на омраза, креирање, монтирање и објавување неточни, нецелосни или злонамерни информации и спинови. Соработката ќе вклучува и размена на мислења и податоци при постапувањето во случаи на прекршување на одредбите од Кодексот.